ОДИМЕ НА ЕП – Енис БАРДИ: Нема делба по вера и нација – сите сме Македонија!

Во желбата што поблиску до вас да ги доближи македонските херои кои со пласманот на ЕП 2017 го донесоа најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал, ЕКИПА преку серијал интервјуа „ОДИМЕ НА ЕП“, со дел од актерите во Полска, од еден малку поинаков агол ќе ви го најави собирот на најдобрите млади фудбалери на Стариот континент.

========================================================================

Со своите игри низ квалификациите веднаш ги освои симпатиите на целокупната домашна фудбалска јавност. Можеби клучната фигура во составот на Благоја Милевски на теренот, но безрезервно ведар и расположен и надвор од него, скромен и секогаш подготвен за комуникација, и со соиграчите и со медиумите… На крајот, и секогаш вечниот оптимист – Енис Барди.

Кога ќе го прашате Енис која е вредноста на оваа млада репрезентација на Македонија, наспроти милионската вредност на ѕвездите од Шпанија, Португалија и Србија кои сега не чекаат на ЕП, без размислување веднаш одговара – единството, колективот, семејството…

„Знаете што, да точно е дека дека сме во најсилната можна група на првенството… Но, тоа за нас апсолутно ништо не значи. И тие се луѓе, и тие имаат само две нозе за ‘трка’. Факт е дека тие играат во големи европски клубови, имаат далеку поголемо искуство за вакви значајни натпревари, но ние имаме нешто што тие немаат. А тоа, според мене, е можеби и позначајно. Мислам дека тие ја немаат онаа специфична вредност која ние ја поседуваме а тоа е колективот, единството, атмосферата која владее во репрезентацијата и најдобриот селектор… Да бидам искрен јас никогаш и никаде не сум се чувствувал така убаво како во младата репрезентација. Нашата најголема вредност е што нема никакви поделби. Сите живееме еден за друг, без разлика на вера и нација… Прекрасно е кога во селекцијата имаме Македонци, Албанци, Турци, Срби…, а сите сме едно големо семејство. Мислам дека сме одбрани, и тоа е заслуга на селекторот Благоја Милевски, сите сме чесни момци и сите, пред се, знаеме што сакаме. А тоа е да докажеме и покажеме пред Европа дека вредиме како играчи, дека вредиме како репрезентација, дека вредиме како држава“ – како „од пушка“ го почнува нашиот разговор Барди и во еден здив продолжува:

„Мора да кажам дека самиот наш пласман на Европското првенство сам по себе носи огромна мотивација кај секој од нас. Самата помисла дека сме успеале да постигнеме еден таков успех ни носи уште поголем мотив, импулс и инает дека не треба да застанеме само на тоа. Македонија има многу квалитетни фудбалери, и јас тоа го знам, но сега е одлична можност тоа да и го покажеме и на Европа. Досега никогаш во историјата не сме имале можност на најсилниот континентален собир да се презентираме како фудбалери и како држава. Сега ја имаме таа можност и не смееме да ја пропуштиме. Затоа сме желни за докажување“.

bardi

Против Шкотска играв повреден, но не ни помислував да ги оставам соиграчите на цедило

За поголемиот дел од домашната стручна фудбалска јавност Енис Барди е најдоброто во тимот на Милевски. „Мотор“ и мотиватор во играта. Но, симпатиите на македонската јавност засилено ги освои пред последниот квалификациски натпревар против Шкотска кога и со сериозна повреда претходно се одлучи да игра. Постигнувајќи и гол на патот кон Европското првенство…

„Јас имав руптура од четири сантиметри на мускулот. За таква повреда треба одмор од четири-пет недели. Но, се одлучив, по многу консултации, да примам инјекција во Србија која ми помогна многу. Докторот ми рече дека десет дена не треба да работам апсолутно ништо. И, навистина тогаш пред последниот натпрвар со Шкотска јас десет дена воопшто не тренирав ниту најмалку. Имав еден тренинг со екипата и директно на натпревар. Знам дека тогаш не бев воопшто подготвен, но победи тој огромен мотив да играм, тој адреналин да успееме, таа желба да не ги оставам другарите на цедило, да не ги оставам сами кога е најпотребно. Чувствував и некој знак дека сигурно ќе одиме на Европско првенство, и дека тој натпревар морам да го играм, па не знам и каква повреда да имав“. 

Кога ти беше најтешко во квалификациите за пласман на Европското првенство?

„Без размислување против Шкотска на гостински терен кога победивме со 0-1. Тоа мислам дека беше најтежок натпревар за сите нас, натпревар кој никогаш нема да го заборавам во животот. Бев премногу уморен, игравме и со играч помалку, имавме и чудно судење, но кога видов кај моите другари, соиграчи, како гинат на терен сите црпевме енергија еден од друг. Тоа е незаборавно. Мислам дека тогаш го дадовме и последниот атом од силите кој го имавме. Но, по натпреварот се заборавивме. Кога ќе се победи, се се заборава.“

enis bardi

Патот од Шкупи, преку Шведска, па до Европско првенство!

Родениот скопјанец својот фудбалски пат го започна во редовите на Шкупи, тогаш Слога југомагнат… Но, не добива некоја вистинска шанса тука, иако првпат е во повикан во репрезентативните редови од страна на Горан Петревски – Чунга… За својот фудбалски пат од Чаир па до Полска, Енис Барди ќе рече…

„Јас тренирав во екипата на Шкупи како пионер, но немав неопходна документација за регистрација, не ми е познато поради што. Сепак, ме забележа селекторот тогаш на селекцијата до 15 години Горан Петрески – Чунга, и во таа 2009-2010 година ме повика во репрезентацијата. Но, искрено не играв многу, па потоа се преселивме во Шведска“ – вели Енис и дополнува:

„Од моето заминување во Шведска загубив секаков контакт со структурите во федерацијата и во репрезентацијата. Престанав да играм извесен период по преселувањето, затоа што повторно немав право за настап. Па, нормално кога не играш не можеш да очекуваш повик во репрезентацијата. На 17 години од Брондби ме забележаа на тренинзи и пријателски натпревари и ме приклучија на нивната академија. Откако се префрлив во Брондби селекторот Петрески потоа повторно ме повика во репрезентацијата до 18 години, а потоа добив повик во неколку наврати и од селекторот Алексо Мацков. Но, и тогаш не играв многу во селекциите, можеби на еден или два натпревари“.

ramka - epПотоа следи трансферот во Ујпешт, и повикот во младата селекција веднаш со доаѓањето на Милевски на клупата…

„Во 2013/2014 година јас се преселив во Ујпешт, Унгарија, но немав никаков повик за репрезентација, се до назначувањето на крајот од 2014 на Благоја Милевски за нов македонски селектор. Па, Милевски, по неговото назначување, веднаш ме повика и од тогаш сум стандарден во младата репрезентација, без пропуштен натпревар. И, ете сега го живеам својот сон – настап на едно Европско првенство“.

За крај, сега во Полска што може да очекуваме?

„Јас сакам да продолжиме таму каде што застанавме. А застанавме на дуелот со Шкотска кога победивме со 2-0. Го спомнувам тој натпревар затоа што ја сакам истата таа атмосфера, истата таа еуфорија, истата таа поддршка од трибините. Сакам исто да биде и сега, и јавноста и медиумите да ни ја дадат сета поддршка без разлика какви натпревари ќе одиграме на Европското првенство. Затоа што треба сите да знаат дека ќе го дадеме максумумот! Ќе се бориме до крај, до последната капка пот, па кој е подобар нека не победи!“

Се вчитува...