Во желбата што поблиску до вас да ги доближи македонските херои кои со пласманот на ЕП 2017 го донесоа најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал, ЕКИПА преку серијал интервјуа „ОДИМЕ НА ЕП“, со дел од актерите во Полска, од еден малку поинаков агол ќе ви го најави собирот на најдобрите млади фудбалери на Стариот континент.
=========================================================================
Македонија на Европско првенство во фудбал. Некогаш беше сон, а сега стана јаве. Младата фудбалска репрезентација до 21 година, од 16. јуни ќе биде учесник на ЕП во Полска, и ќе игра против селекциите на Шпанија, Србија и на Португалија, во битка за полуфиналето.
Македонските фудбалски „херои“ се пред нов голем предизвик. Напаѓачот Виктор Ангелов е уверен дека можат да направат нов успех и на најголемиот европски самит на фудбалски таленти. Сите заедно – како ТИМ!
„Нашата сила е во заедништвото, во компактноста, ние сме ТИМ. Можеби другите имаат подобри индивидуалци, Шпанците, Србите, Португалците имаат навистина ѕвезди од Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен, Бенфика, во своите редови, но ние докажавме дека сме ГОЛЕМ ТИМ! Еден за сите – сите за Македонија! Тоа е нашата сила, нашата мотивација, бевме успешни со таков приод во квалификациите, се искачивме над една Франција на табелата, која исто така имаше мегаѕвезди, и нема да го менуваме приодот ниту на Европското првенство“, вели Виктор Ангелов, напаѓачот кој токму ги „тресеше“ Французите во меѓусебните мечеви.
Тој е напаѓач, најмногу од се сака да постигнува голови, но исто така е олицетворение на оваа генерација. Заслужни за секој гол се сите заедно.
„Секој мој гол е заслуга на соиграчите. Не е важно кој ќе го постигне – важно е Македонија да оствари успех. Ова мото ни го всади селекторот Благоја Милевски уште од првиот ден на нашата работа, и среќни сме што функционираме на таков начин. Ние не сме само колеги од репрезентацијата, ние сме пред се другари, личности кои си помагаат и се бодрат меѓусебно, а заедничкиот именител ни е дресот на Македонија. И токму затоа сите сме уверени дека ќе продолжиме со добри игри и на ЕП во Полска“, истакнува Ангелов.
Првиот меч во квалификациите беше загубен, и тоа убедливо (3-0) од Исланд, а потоа следеше една прекрасна серија без пораз, и прво место на табелата во квалификациите.
„Мислам дека тоа беше освестувањето, поразот од Исланд. Знаете како, си имате некои желби и планови, размислувате за победи, одите во Исланд – и губите 3-0. Тоа како да не освести, дека треба да се внесеме потполно, да играме тимски, да ги слушаме сите совети од селекторот. Сфативме дека само на тој начин можеме да остваруваме позитивни резултати. И, за среќа, потоа ја пронајдовме формулата. Всушност, селекторот ја знаеше, а ние почнавме да ја применуваме“, открива нашата „деветка“.
Фудбалска Македонија за првпат ќе учествува на едно Европско првенство, и тоа секако е чест, но и обврска за овие млади фудбалери. Треба да го претстават нашиот фудбал во најдобро светло, а сега и очекувањата од нив се поголеми, затоа што се нашите „херои“. не навикнаа на победи и успеси.
„Нашиот успех е самиот пласман на овој елитен европски собир. Сега одиме таму да уживаме со најдобрите. Така вели и селекторот. И навистина е така, треба да уживаме што Македонија е на ЕП, заедно со Шпанија, Германија, Италија, Англија…Ние кои сме во фудбалот, а верувам и нашите фанови, знаеме колку е тоа тешко остварливо. Но, ветуваме дека нема да застанеме тука, дека ќе продолжиме со истата желба, максимална, со истиот жар, како и на секој меч кога го носиме дресот на Македонија. Нема воопшто страв, напротив, имаме голема самодоверба и одиме на ЕП да уживаме во дуелите со силните европски селекции. И тие нека му ја мислат…Македонија се пласира како првопласирана од својата група. Дури и некои други големи селекции, мораа да играат бараж“, вели Ангелов.
Го мачеа повреди во изминатиот период, но ги надмина и вели дека е максимално подготвен за најголемиот предизвик во кариерата.
„Имав многу проблеми со повредите. Но, некако кога ќе дојдам во репрезентацијата, тоа ми е како мелем. Одлична атмосфера, супер друштво, и сето тоа делува многу мотивирачки. Конечно, се чувствувам и максимално здрав и подготвен за настап. Повредите се минато, се измачив, и со препоните, и со мускулот, но сега и воопшто не размислувам за тоа. Едвај чекам да почне Европското првенство“, порачува Виктор Ангелов, и ги брои деновите до сабота, и првиот дуел со селекцијата на Шпанија во Гдиња.
И ние едвај чекаме…Македонија ќе игра на Европско во фудбал…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА