Еден од најталентирани европски кошаркари во својата генерација, Бугаринот Јордан Минчев (19 год, 203 см.), од денеска е нов член на МЗТ Скопје Аеродром и тоа на едногодишна позајмица од таборот на европскиот шампион Фенербахче.
Станува збор за кошаркар кој игра на позициите бек-шутер и ниско крило и кој лани потпиша шестгодишен договор со тимот од Истанбул како една од идните ѕвезди на турскиот гигант. Своето професионално деби го имаше во софиски Левски во сезоната 2014/15 и зад себе има пет настапи во АБА-лигата, 27 средби во првенството на Бугарија и 14 натпревари во Балканската лига (БИБЛ). Во февруари годинава беше позајмен на српскиот тим Вршац. Минчев е и актуелен бугарски репрезентативец.
Ангажманот на Минчев е плод на добрата соработка на МЗТ Скопје Аеродром со челните луѓе на Фенербахче, која би требало и да се засили во периодот кој претстои. Тој е веќе во Скопје, ќе биде дел од експедицијата која утре ќе замине за Белград на мечот против ФМП во вторник, но дебито во сино-белиот дрес ќе го има следниот понеделник во мечот од 3. коло од АБА-лигата на домашен терен против Задар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА