Ракометниот шампион на Македонија, Вардар 1961 имаше среќа на денешната ждрепка за групната фаза во Лигата на шампионите. Вардарци се најдоа во групата А која на хартија е далеку полесна од Б сегментот. „Црвено-црните“ за противници ќе ги имаат Пик Сегед, Кил, Алборг, Монпеље, Мешков Брест, ППД Загреб и Елверум.
Во Б групата која е далеку поквалитетна ќе се сретнат двајцата македонски интернационалци кои ќе бидат дел од елитното натпреварување, Дејан Манасков и Никола Митревски. Покрај Веспрем и Порто, во Б сегментот ќе бидат уште и ПСЖ, Барселона, Киелце, Фленсбург, Динамо Букурешт и Мотор Запорожје.
Сепак, се уште е под знак прашалник учеството на Вардар во елитното натпреварување бидејќи македонскиот шампион е под истрага на ЕХФ поради промената на името и неисполнетите обврски на минатото раковдство.
Вардар ќе мора да остави депозит од 1 000 000 евра во две рати. Првата до 13. јули и втората до 27. јули. Доколку не го направи тоа Вардар ќе го изгуби своето место во Лигата на шампионите, а на негово место ќе влезе словенечкиот Горење Велење.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА