Женската ракометна репрезентација на Македонија има негатива од 12-13 против Романија на полувреме од натпреварот од 3. коло во Ц групата на Европското првенство 2022 година. Реализацијата беше на многу поголемо ниво од првите два натпревари, но сепак повторно наш недостаток беа големиот број промашени зицери.
Во втората минута од натпреварот Јована Саздовска лошо доскокна по еден дуел со противничка ракометарка по кој заработи повреда поради која мораше да го напушти тренот.
Првиот погодок како и на претходните мечеви беше дело на противникот, па Кристина Неагу со својот прв гол во 3. минута донесе водство од 0-1 за Романија. Замената на Саздовска на десно крило, младата Ризоска го запиша својот прв погодок на големите натпреварувања, а прв за Македонија на мечот со кој во 4. минута израмни на 1-1. Повторно слабата реализација на најискусните во нападот беше наш најголем проблем, па по осум минути игра Романија за првпат стигна и до плус два (1-3).
Следуваа два погодока во низа за нашите девојки, па по 12 минути игра успеавме пак да дојдеме во егал (3-3). Во следниот период се играше гол за гол, па по петнаесет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 6-6. Најдобриот момент во натпреварот се случи во 17. минута кога „цепелинот“ на Маџовска и Ристовска резултираше со седми гол за Македонија (7-7). На едната страна Неагу сама играше против нас која постигна шест од осумте гола на својата репрезентација, а од друга страна нашите девојки со тимска игра успеваа да останат во егал (8-8). Неколкуте погодени стативи и промашени зицери доведоа до тоа во 22. минута Романките за првпат да стигнат до три гола позитива (8-11), по кои селекторот Љубомир Савевски беше приморан да го повика првиот тајм-аут на натпреварот.
Играта во одбрана продолжи да биде наш препознатлив знак на овој шампионат, па на четири и пол минути до крајот на првото полувреме повторно стигнавме на само минус еден (11-12), по кои и селекторот на Романија се одлучи да го побара својот прв тајм-аут.
До крајот на првиот дел Романките успеаја да ја задржат предноста и на пауза да заминат со позитива од 12-13.
Сања Дабевска со три погодоци е прв стрелец во нашиот тим по 30 минути,додека кај Романките прво име е Кристина Неагу со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА