Одбојкарите на Струмица, видно засилени со репрезентативците, со одлична партија и со максимални 3-0 ја совладаа екипата на Капошвар, во првиот меч од 1. коло во ЦЕВ Купот, кој вечерва се играше во „Парк“ во Струмица.
Никола Ѓоргиев ги предводеше струмичани до голема победа, која треба да донјесе пласман меѓу најдобрите 32 екипи во ова натпреварување.
Мечот почна поен за поен, а првата посериозна разлика струмичани ја направија некаде кон средината на сетот, кога поведоа со 18-15, а потоа и 21-16. После оваа предност, немаше повеќе враќање за гостите, па така Струмица го доби првиот сет со 25-19.
Подраматично беше во вториот сет, кој Струмица го доби со 25-23. И покрај тоа што имаа и предност од пет поени на моменти, сепак, на крајот гостите успеаја да дојдат до драматична завршница, но и не до пресврт, па така домашните поведоа со 2-0.
Последниот сет решен на убедлив начин. Во еден миг Струмица направи предност и од +9, што на крајот успеа да ја задрши, и да го добие со конечни 25-19.
Никола Ѓоргиев со 17 поени беше лидер по бројот на постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА