Новиот селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, Марјан Илиевски, доби одлична позитивна вест во разговорите со кошаркарите на чии услуги смета за новиот претквалификациски циклус во првата половина од месец август.
Андреј Јакимовски, кој важи за еден од најголемите македонски кошаркарски таленти, позитивно одговорил на барањето на селекторот и федерацијата, па одличниот крилен кошаркар ќе помогне во овие претквалификации, во кои нашиот национален тим против Унгарија и Романија ќе води битки за влез во главните квалификации за СП 2026.
Јакимовски последен пат играше за Македонија пред неколку години, а изминатите отсуства се должеа на неговите обврски кон екипите за кои настапуваше во НЦАА-лигата. Андреј поради возраста веќе нема право за настап во ова натпреварување, па во ситуација кога нема никакви пречки тој изразил задоволство што повторно ќе го облече репрезентативниот дрес, воедно и ќе биде еден од лидерите на подмладената национална селекција.
Јакимовски планира да настапува во Летната лига во периодот околу 20 јули, по што тој веднаш се враќа во Македонија и ќе му се стави на располагање на селекторот Илиевски. Планот е Андреј да биде во составот за двете контролни средби со Швајцарија што ќе бидат одиграни во Гевгелија на 25 и на 26 јули, кои воедно ќе бидат и шанса за воигрување на тактичките замисли на новиот стручен штаб.
Зеленото светло од Јакимовски е одличен знак за македонскиот национален тим, а останува овој тренд да продолжи и кај наредните кошаркари со кои ќе разговара селекторот во деновите што следат…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

