Еурофарм Пелистер повторно е целосно во игра во шампионската трка откако битолчани славеа на жешкиот терен во Автокоманда, совладувајќи го Алкалоид со минимални 27-28. Во супердраматичен меч кој се одигра во извонредна спортска атмосфера, на крајот поприсебни и поискусни беа гостите од Битола, кои со голот на Хенеберг на пет секунди до крајот стигнаа до победата. Со тоа, Пелистер останува рамо до рамо со Вардар во трката за титулата, па доволна ќе му биде и минимална победа во дербито во Битола за да се закити со толку посакуваната титула. Алкалоид од друга страна одигра уште еден извонреден меч против фаворит за највисок пласман, но за разлика од последниот дуел со Вардар, овојпат избраниците на Лазаров немаа сили за да го комплетираат добриот меч со реми или триумф.
Дербито почна со нешто подобра игра на гостите од Битола, кои набрзина поведоа со два гола разлика (1-3, 2-4, 3-5, 4-6). Алкалоид набрзина се врати и успеа да израмни на 6-6, по што избраниците на Лазаров презедоа и контрола над темпото на игра и резултатот. „Сино-белите“ исто така во неколку наврати имаа по два гола предност, во серија голови влезе пивотот Симоноски, а Еурофарм Пелистер не искористи и два напади со играч повеќе, по исклучувањето на Омерагиќ. Алкалоид имаше водство од 13-11 по првото полувреме, но Еурофарм се врати пред паузата, успевајќи да го сврти резултатот во своја полза и да поведе со 15-16.
Самиот старт на второто полувреме донесе и нов мини-пресврт, водство на Алкалоид од 17-16, но и мини-серија на Еурофарм Пелистер за предност од 18-19 во 42. минута, резултат при кој Галевски му одбрани пенал на Хенеберг. Следеше нова грешка на домаќините и гол од контранапад на Павле Атанасијевиќ, па Кире Лазаров побара тајмаут при негатива на неговиот тим од два гола (18-20). Алкалоид за момент намали на „минус еден“, но нападот на Еурофарм Пелистер функционираше добро, па гостите од Битола поведоа со три гола предност (21-24) на десет минути до крајот.
Младиот домашен состав се врати, намали на 23-24, резултат при кој голманот Галевски му одбрани пенал на Суси, по што Митев погоди за израмнување на 24-24. Гостите побараа тајмаут, по кој веднаш следеше реализација на Пешевски од пивот. Во клучни моменти за битолчани се разбуди и репрезентативецот Костески, со два гола за помалку од една минута и водство на Еурофарм од 26-27 на три и пол минути до крајот. Петковски донесе израмнување на 27-27 на една минута до крајот, а на спротивната страна беше досудено пробивање од Хосни. Алкалоид имаше напад за победа, но Лесјак го запре обидот од место на Георгиев, по што меч-топката замина во рацете на битолчани. Јовиќ побара тајмаут, а потоа Хенеберг погоди од девет метри, за огромна радост на битолчани на пет секунди до крајот. Лазаров побара тајмаут, но Еурофарм умешно се одбрани и го доби овој меч со 27-28.
Хосни, Хенеберг и Васиљев постигнаа по шест погодоци за Еурофарм Пелистер во големата победа, додека кај Алкалоид најефикасни беа Симоноски и Митев со по пет и Серафимов со четири постигнати голови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА