Одлично прво полувреме – Вардар со плус два на пауза против Пик Сегед

Вардар игра одлично во првото полувреме против Пик Сегед во натпревар од ракометната Лига на шампиони. Цврстата одбрана и одличната реализација во нападот се главни причини за тоа Вардар да има водство од 15-13 по првите 30 минути против лутиот унгарски ривал.

Првите седум минути поминаа во израмнета игра на двата тима, а првата опиплива предност ја имаа гостите по истекот на деветтата минута кога поведоа со плус три (2-5). По пет минути во кои се играше гол за гол, а гостите имаа предност од (4-7), следуваше мини серија на „црвено-црните“ кои во 15. минута успеаја да го израмнат резултатот на 7-7.

Вардар продолжи со одличната игра, а во 20. минута успеа за првпат на натпреварот да стигне до водство од 11-10, по што гостинскиот тренер Пастор мораше да го повика својот прв тајм-аут на натпреварот. По тајм-аутот на Унгарците, ништо не се промени на теренот, а „вардарци“ со одлична игра особено во фазата на одбрана на три и пол минути до крајот на првото полувреме со голот на Борко Ристовски стигнаа до позитива од плус два (14-12).

Со голот на Тимур Дибиров во 28. минута, „црвено-црните“ за првпат во мечот стигнаа и до позитива од плус три (15-12). Руското крило имаше уште една одлична шанса преку контра напад да донесе водство и од четири гола за Вардар, но Миклер на феноменален начин успеа да го спречи. До крајот на првите 30 минути, Унгарците успеаја да постигнат еден гол и на пауза да се замине со резултат 15-13.

Тимур Дибиров со пет гола е прво име во Вардар по 30 минути игра, додека по два гола постигнаа Дисингер, Јотиќ и Чупиќ. Кај гостите прво име е Богдан Радивојевиќ со четири гола, додека Кашпарек има еден помалку.

Се вчитува...