Кратењето на ракометната Супер-лига од шеснаесет на осум клубови нема да биде официјализирано денеска, откако на Собранието беше донесена одлука за дополнителни консултации и изнаоѓање заедничко решение. Претседателот Живко Мукаетов на крајот даде предлог да дојде до заедничка консултација меѓу Управниот Одбор и Конференција на клубови, да биде донесена заедничка одлука и во предвид да се земе и предлогот за кратење на 10 или на 12 екипи, а Собранието како највисок орган изгласа оваа одлука да може да стапи на сила за сезоната 2024/25.
За машката лига, предлогот гласеше кратење од 16 на осум екипи, да се оди на нов систем со најдобар резултат од годината што следи. Така, во Супер-лигата би играле осум екипи со четирикружен систем. Таму би се пласирале најдобрите четири екипи од двете групи од сегашната сезона, а останатите осум екипи (по четири од двете групи) би разигрувале во Супер-лига Б.
„Целта е да се концентрира квалитетот на едно место, да создадеме квалитетен проект што би станал интересен и за ТВ-правата за регионалните спортски канали. Веруваме дека ова е вистински начин за ракометот да продолжува да се развива како спорт број 1 во државата“, изјави претседателот Живко Мукаетов.
Од таборот на шампионот Еурофарм Пелистер стигнаа зборови на загриженост дека кратењето може да го загрози финансиското функционирање на клубовите.
„Еурофарм Пелистер не е потписник на оваа иницијатива бидејќи во тој момент имаше само два потписи. Разговаравме на оваа тема, имавме разговори и со Директорот на АМС, треба да се знае дека тоа ќе влијае и на висината на ваучерот. Факт е дека лигата во моментов е гломазна, но сметам дека е преригорозно да се крати веднаш на осум клубови. За сите нас ваучер-системот е многу важен извор на финансии, да не дојдеме во ситуација сакајќи да го сконцентрираме квалитетот да се загрози егзистенцијата на клубовите од понизок ранг на натпреварување“, изјави Зоран Стерјев, прв човек на Еурофарм Пелистер.
„Наша цел е ваучер системот да остане достапен за сите клубови, да имаат право на ваучер и да не се загрози нивната егзистенција“, одговори Мукаетов.
За целата тема свој коментар даде и Директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Наумче Мојсовски.
„Ние како Агенција за Млади и Спорт лани го имавме истиот спор и со Кошаркарската федерација, која сакаше А и Б лига, но во правилниците децидно стои дека ваучер-системот познава само Прва, Втора и Трета лига. Не сакам да дојде до заблуда дека потоа Агенцијата е виновна за ваучерите. Ние како АМС, Супер-лигата Б би ја сметале за Втора лига бидејќи екипи од А и Б лигите не може да играат едни против други, ниту пак тимови од Б лигата би можеле да играат во Европа“, истакна Наумче Мојсовски.
Својот став го искажаа и членовите на актуелната Суперлига…
„Јас бев еден од оние кои не сакаат овој предлог да не се прифати. Став на РК Пролет е лигата да се скрати на 12 или на 10 клубови, сметам дека кратење на осум клуба е преригорозно во моментов. Треба да размислиме, да видиме каков чекор треба да се повлече, наш став е дека нема потреба за ригорозно кратење во моментов“, порача Сашо Огњеновски, претставник на РК Пролет.
На крајот, беше донесена одлука да бидат извршени дополнителни консултации пред да биде донесена конкретна одлука.
„Најлесно е ова да се стави на гласање и да мине едната или другата варијанта, но сметам дека темата е премногу сериозна за да имаме поделени ставови на две страни. Најдобро е да се седне, да се најде заеднички јазик и да се донесе вистинската одлука за доброто на македонскиот ракомет. Важно е одлуката да биде правно издржана, мандатот за одлука да биде пренесен на УО и да се однесува од стартот на сезоната 2024/25“, истакна на крајот претседателот Живко Мукаетов, за што доби поддршка од Собранието, за носење одлука најдоцна до крајот на оваа година, што би се однесувала за кратење на лигата во сезоната 2024/25.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА