Одморот заврши: Премиер-лигата се враќа

Мундијалската пауза е зад нас, а од денеска и официјално продолжуваат клупските фудбалски возбудувања, со традиционалната премиерлигашка понуда на „Боксинг деј“.

Пресметките ќе почнат со дуелот меѓу Брентфорд и Тотенхем, меч за кој Антонио Конте се пожали дека доаѓа премногу рано по мундијалската пауза, најавувајќи дека најверојатно ќе биде принуден да стартува без голем дел од играчите кои настапија на СП во Катар.

Ливерпул во 18.30 часот ќе гостува на „Вила Парк“ против тимот на Астон Вила, меч за кој Клоп има сериозни проблеми со навалната линија ако се знае дека покрај Жота и Дијаз, стратегот на „црвените“ остана и без помошта на Роберто Фирмино. На спротивната страна, Астон Вила ќе биде без голманот Мартинез, кој се уште е во Аргентина по освоеното мундијалско злато.

Најинтересен се очекува да биде вечерашниот меч меѓу Арсенал и Вест Хем, на кој „топчиите“ ќе се обидат да ја продолжат одличната серија резултати со која остварија пет бода предност во однос на второпласираниот Манчестер Сити. Воедно, ова ќе биде прв меч на кој Артета ќе мора да се снаоѓа без помошта на Габриел Жезус, по повредата заработена на СП поради која бразилскиот голгетер ќе отсуствува три месеци од терените.

Денеска на програмата

13.30 часот: Брентфорд – Тотенхем

16 часот: Евертон – Вулверхемптон, Кристал Палас – Фулам, Лестер – Њукасл, Саутемптон – Брајтон.

18.30 часот: Астон Вила – Ливерпул

21 часот: Арсенал – Вест Хем

Се вчитува...