Светското клупско првенство во 2025 година ќе се одржи на стадионот Метлајф во предградието на Њујорк, каде ќе се игра и финалето на Светското првенство во 2026 година, објави ФИФА во саботата. Овој нов формат на клупското фудбалско првенство ќе собере 32 екипи од целиот свет на турнирот што ќе се организира во САД од 15 јуни до 13 јули.
Покрај стадионот Метлајф, кој се наоѓа во Ист Радерфорд, Њу Џерси, натпреварите ќе се играат и во десет други американски градови – Атланта, Шарлот, Синсинати, Лос Анџелес, Мајами, Нешвил, Орландо, Филаделфија, Сиетл и Вашингтон. Во Орландо, натпреварите ќе се играат на два стадиони – Camping World и Inter&Co.
Светското клупско првенство е годишно натпреварување организирано од ФИФА без прекин од 2005 година, по првото издание што се одржа во 2000 година. ФИФА одлучи да го промени форматот на натпреварувањето од 2025 година, проширувајќи го бројот на клубови учесници од седум на 32. Турнирот ќе се одржува на секои четири години од 2025 година.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во саботата изјави дека првото издание на светското клупско првенство ќе отвори „нова ера за фудбалот и клубовите“. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, смета дека ова натпреварување „ќе има огромно влијание врз растот на фудбалските клубови и фудбалерите во светот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА