Македонските претставници во Лигата на Европа в четврток ќе ги играат реванш натпреварите од првото квалификациско коло. Шкендија ќе и гостува на Дачија во Молдавија (16 часот) со предност од 3-0, што ја обезбеди на првиот дуел во Струмица. Одредени се и судиите за возвратниот меч. Правдата на овој натпревар ќе ја делат судии од Словачка, на чело со Петер Кралович. Ќе му помагаат сонародниците Габриел Адам и Мирослав Бемко, а четврти судија ќе биде Адам Сомолани.
Пелистер во Струмица, со почеток во 17 часот, ќе го пречека Лех Познањ, и ќе има тешка задача да ја надомести негативата (0-4) од првиот меч. Овој натпревар ќе го судат Французи, предводени од главниот арбитар Франсоа Летешие. Ќе му помагаат Николас Дано и Сирил Муние, а четврти судија е Микаел Лесаж.
Работнички во Скопје, на комплексот на ФФМ, со почеток во 17.30 часот, ќе го пречека Тре Пене, а има предност (1-0) од првиот меч во Сан Марино. Одредени се судиите и за овој меч. Главен судија ќе биде Манфредас Лукјанцукас од Литванија, а ќе му помагаат сонародниците Витис Снарскис и Александр Радиус. Четврти судија е Миндаугас Јацкус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА