Во Спортско рекреативниот центар „Борис Трајковски“ денеска се одржа Меморијален турнир во бадминтон во организација на Македонскиот полициски синдикат и Одделот за заштита на определени личности и објекти.
Овој турнир го носи името „Маја Лазарова Тодорова“ и има за цел да прерасне во традиција во која ќе се негуваат позитивните човечки вредности. Покрај турнирот во бадминтон, како дел од овој настан беше организирана и крводарителска акција.
Турнирот „Маја Лазарова Тодорова “ го отвори директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.
„Честа е уште поголема, со оглед на крајно благородниот мотив за одржување на турнирот – споменот кон сите наши колеги и драги пријатели што, за жал, не се повеќе меѓу нас. Згора на тоа, фактот што овој настан денеска е збогатен со уште еден убав чин –крводарителска акција на нашите колеги што ќе се реализира овде, јасно говори за хуманиот, човечки карактер на целата манифестација. Во тој смисол би сакал дополнително да се заблагодарам на колегите крводарители, на Институтот за трансфузиологија, на организаторите за збогатувањето на овој цел настан во име на хуманоста. Ваквите настани отсекогаш биле извонредна можност, преку другарувањето заедно да се присетиме на поранешните колеги и пред се пријатели, негувајќи ги спомените и изразувајќи им ја почитта за се што заедно сме споделиле. Во тој дух, јас сум убеден дека и овој турнир во бадминтон, не само што ќе се етаблира како традиционален настан, туку ќе прерасне во манифестација што обединува преку спомените, ќе ги чува и негува оние најдрагоцени човечки начела – на пријателство, солидарност и заедништво, на меѓусебен и респект кон оние што не мотивирале да бидеме овде“, рече Тасевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

