Кик-бокс федерацијата на Македонија го одржа своето редовно Годишно Собрание на кое со присуство на мнозинството делегати, сите активни придружни членови како и претставник на Агенцијата на млади и спорт на РМ беше констатирана успешната работа на КБФМ во изминатата година предводена од претседaтелот Дејан Митровски-Урко.
Една од најважните одлуки која се донесе на Собранието беа измените и дополнувањата на Статутот на КБФМ, со што федерацијата добива конечен Статут усогласен со законот и потребите на самата федерација и се менува името на федерацијата од „Кик боксинг федерацијата на Македонија“ во „Кикбокс Маитаи федерација на Македонија“. Оваа промена на името следи по серијата на преговори и усогласувања на претседателот на Кик боксинг федерацијата на Македонија (КБФМ), Дејан Митровски – Урко со претседателот на Светската асоцијација на кик бокс организации (ВАКО), Борислав Пелевиќ во Белград, Србија и претседателот на Светската федерација за маитаи аматери (ИФМА), Сакчи Тапсуван и генералниот секретар на ИФМА, Стефан Фокс во Канкун, Мексико. Причината е што нашата репрезентација долги години настапува не само на ВАКО, туку и на ИФМА натпреварите, од каде што се враќа со бројни успешни резултати. Најсвеж пример за тоа е резултатот од Светското ИФМА Маитаи првенство 2018 во Канкун, Мексико каде македонската репрезентација настапи со тројца натпреварувачи и освои еден златен и еден сребрен медал, каде што се поставија и темелите на завршниот договор. Со овие преговори беше договорено дека со спроведување на бараните промени нашата федерација на следното Собрание на ИФМА ќе стане полноправна членка. Со новите измени на Статутот се овозможува прием на федерацијата во МОК и сите меѓународни организации кои го поддржуваат овој олимписки спорт, со што ќе се зголемат можностите за развој и афирмација на спортот во Македонија.
Согласно новите законски измени на Законот за спортот, се прошири и Управниот одбор со 4 нови надворешни членови, од кои двајца правници и двајца економисти, како и еден нов внатрешен член, како замена на друг кој достави неотповиклива оставка. На Собранието едногласно се одлучи да се спроведе прием на нови 13 делегати (клубови) во федерацијата и бришење на 2 неактивни делегати (клубови) поради неактивност, неисполнување на обврските и неусогласување со Статутот на федерацијата и истите добиваат статус на придружни членки на федерацијата.
Покрај овие новости, на Собранието беше презентирана и едогласно усвоена Завршната сметка на КБФМ за 2017 година.
Едногласна беше констатацијата на сите членови на Собранието за успешната работа на федерацијата како и доведување на меѓуклубските и меѓутренерските односи во самата федерација до максимално колегијално ниво кое носи развој и напредок за овој спорт. Претседателот Митровски со тоа покажува дека е добар менаџер и организатор како вистински избор за прв човек на КБФМ кој ја има целокупната поддршка и доверба од сите клубови.
До крајот на оваа година следи можност за учество на Светското ВАКО јуниорско ‘18 превенство во Италија, Европското ВАКО сениорско ‘18 првенство во Словенија и реализација на државно изборно првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА