Блокотехна израмни на 1-1 во полуфиналната серија со МЗТ Скопје откако во Гевгелија убедливо славеше над актуелниот првак со резултат 106-94. Избраниците на Марјан Илиевски одиграа извонреден натпревар во нападот, целосно доминирајќи во однос на шампионот кој немаше одговор за неколкуте детали што домашниот стратег ги промени во однос на првиот меч. Во дуел што беше вистинска плејоф пресметка, полн со страст, желба за надигрување и победа, домаќините покажаа дека немаат намера така лесно да се откажат од сонот наречен финале, со импресивна игра прекинувајќи ја серијата од четири порази од актуелниот шампион. МЗТ одигра квалитетно во нападот, ја надмина границата од 90 поени, но се беше попусто поради слабата игра во одбраната и трофицрениот број на примени поени.
Двајцата тренери се решија за тактички изненадувања во стартните петорки, Блокотехна тргна со Ѓуроски на местото на Младеновиќ, додека кај МЗТ Спасојевиќ доби шанса пред Лалиќ, а Симоновски по одличниот прв меч беше стартер пред капитенот Дамјан Стојановски.
Домашниот тим тргна фуриозно во нападот, Главчев погоди две тројки, па Блокотехна за пет минути стигна до 20 постигнати поени (20-14). Серијатапродолжи, па со забивањето на Казарновски домаќините стигнаа и до 24-14, по што Кочов го побара првиот тајмаут на натпреварот. Тимот од Гевгелија имаше најубедливи 31-20 пред Бојиќ да погоди тројка. Вториот период почна со тројка на Дарко Соколов, но на спротивната страна со иста мера возврати Горан Главчев. Капитенот на Блокотехна во следниот напад реализираше контранапад под прекршок, па Блокотехна повторно дојде на „плус единаесет“ (37-26). На половина од втората четвртина домашниот состав поведе и со 43-28.
„Металците“ реагираа на неколку судиски одлуки, за по еден прекршок на Синовец над Казарновски во рекетот српскиот бек да заработи и дополнителна техничка грешка. Страстите зовреа, во следниот напад Милојевиќ им досуди намерни грешки на Мијатовиќ и Траковски по еден дуел во рекетот, при водство на Блокотехна од 47-30. Домаќините одиграа фуриозно во нападот до самиот крај на полувремето, постигнувајќи 59 поени за 20 минути игра, за водство од 59-45.
Избраниците на Марјан Илиевски во неколку наврати на почетокот од третиот период имаа „плус седумнаесет“ (64-47,66-49), а по неколкуте нереализирани напади домашниот тренер побара тајмаут при водство од 14 поени на својот тим. Веднаш по минутата одмор Мијатовиќ постигна пет поени, нападот на Блокотехна повторно доби на ритам, па со тројката на Ѓуроски домашниот состав во 27. Минута поведе со најубедливи 18 поени разлика (76-58), принудувајќи го Кочов на тајмаут. Во финишот од четвртината во ритам влезе Дарко Соколов со седум поени, но домаќините играа беспрекорноо, па во последните десет минути се влезе со нивна убедлива предност од 83-67.
Шампионот ја отвори четвртината со пет поени во низа, по што Илиевски веднаш побара тајмаут при водство на неговиот тим од 83-72. Соколов го продолжи своето мини-шоу со уште една тројка спуштајќи ја предноста под десет, пред Бенџамин да ги постигне првите поени во четвртината за Блокотехна. Интензитетот во играта во одбрана на МЗТ се крена на повисоко ниво, па на пет минути до крајот предноста на домаќините беше спуштена на седум поени (88-81).
При водство на Блокотехна од седум поени најпрвин реализираше Главчев, а веднаш потоа Лалиќ направи наивен прекршок во обид за скок, по што Бенџамин ја врати предноста на единаесет поени (96-85). Следеше загубена топка на Лалиќ поради чекори, со што шампионот дефинитивно ги загуби шансите за камбек. Тимот од Гевгелија знаеше како да ја задржи предноста до самиот финиш, на крајот заслужено триумфирајќи со убедливи 106-94 во својата најдобра офанзивна партија сезонава, токму на дуелот со актуелниот шампион.
Двејн Бенџамин „експлодираше“ на овој меч со 31 поен, седум скока и три асистенции, Мијатовиќ постигна 20, а Главчев 16 поени (14 во првото полувреме). Кај МЗТ Скопје најдобри поединци беа Соколов со 16, Симоновски со 14 и Лалиќ со 12 поени.
Третиот натпревар од оваа интересна полуфинална серија е на програмата в недела, а домаќин е МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА