Официјално: Агуеро е нов фудбалер на Барселона!

Аргентинскиот напаѓач Серхио Агуеро е нов играч на Барселона, официјално соопшти каталонскиот клуб. Кун пристигна на „Ноу Камп“ по 10 години поминати во Манчестер Сити и потпиша договор со каталонскиот клуб до 2023 година.

Одличниот напаѓач ги засили „Каталонците“ како слободен играч, кој дојде во Каталонија без обештетување, бидејќи претходно му истече соработката со „Граѓаните“. Беше јасно пред крајот на минатата сезона дека 32-годишниот играч ќе се пресели во Барселона. Голема улога во ваквата одлука имаше и Лионел Меси, еден од најдобрите пријатели на Кун.

Агуеро се враќа во Шпанија, каде со голем успех го носеше дресот на Атлетико Мадрид од 2006 до 2011 година. Тој постигна 100 голови и 46 асистенции на 230 натпревари за „јорганџиите“, пред да ја започне својата долгогодишна одисеја во Сити.

Во тимот од Етихад, тој постигна 260 голови и 73 асистенции на 390 натпревари, што му донесе статус на еден од најдобрите играчи во историјата на клубот, но тој пропушти поголем дел од минатата сезона поради проблеми со повреди.

 

 

 

 

 

 

Се вчитува...