Карлос Бака повторно ќе настапува во Примера дивизион откако колумбискиот голгетер денеска потпиша едногодишен договор со екипата на Вилјареал, каде се сели на позајмица од редовите на Милан. „Росонерите“ неколку месеци се обидуваа да го продадат Колумбиецот, тој одби трансфер во редовите на Олимпик Марсеј, па раководството на Милан на крајот беше принудено да ја прифати опцијата за едногодишна позајмица на голгетерот.
Тој го напуштил тренинг-комплексот за време на вчерашниот тренинг на „росонерите“, откако му било соопштено дека сите детали се веќе средени. Бака се поздравил со соиграчите и во текот на вечерта заминал за Шпанија, каде по денешние лекарски прегледи ќе ја има и официјалната промоција.
Колумбискиот ас ќе ја има улогата на предводник на нападот на „жолтата подморница“ откако Роберто Солдадо беше продаден во Фенербахче.
Што се однесува до Милан, „росонерите“ дефинитивно ќе купат уште еден голгетер до крајот на овој преоден рок. Иако најголема желба останува Белоти, сепак многу пореална опција моментно е доведувањето на Никола Калиниќ од Фиорентина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА