Јосип Брекало од денеска и официјално е нов член на Хајдук, откако сплитскиот клуб го официјализираше трансферот на крилниот офанзивец од редовите на Фиорентина. Брекало на почетокот од преодниот рок беше на чекор до Динамо Загреб, но откако тој трансфер пропадна на сцена стапи управата на Хајдук, која експресно договори шестмесечна позајмица за 100.000 евра и го довее хрватскиот репрезентативец на „Пољуд“.
Тој вчера беше претставен пред навивачите во пресрет на големото дерби со Ријека, што Хајдук го загуби и со тоа падна на второто место на табелата. Брекало важи за исклучително брз и опасен офанзивец кој не доби премногу шанси за докажување во Фиорентина, по што „виолетовите“ решија да дадат зелено светло за негово заминување на позајмица.
Брекало доаѓа во вистински момент за Хајдук и се очекува веднаш да биде вклучен во стартниот тим, уште повеќе ако се знае дека Марко Ливаја заработи повреда и ќе паузира најмалку три седмици од фудбалските терени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА