Серхио Бускетс и официјално ја заврши својата репрезентативна кариера откако искусниот играч за врска обелодени дека повеќе нема да го носи дресот на „црвената фурија“.
Бускетс уште претходно најави дека ова ќе биде негов последен мундијал, но Шпанците се надеваа дека тој би можел да настапи на Ф4 турнирот од Лигата на Нации во јуни. Сепак, асот на Барселона преку својот инстаграм профил обелодени дека настапот во Катар беше негов последен во репрезентативниот дрес.
Бускетс дебитираше за Шпанија во март 2009 година, кога беше повикан за гостувањето против Турција во квалификациите за СП 2010. Зад неговото име останаа запишани 143 средби за репрезентацијата и два гола (по еден против Македонија и против Белорусија).
За очекување е искусниот играч за врска на крајот од сезонава да стави крај и на својата авантура во Барселона и последните години од кариерата да ги мине во МЛС-лигата, во дресот на Интер Мајами.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА