Давид Силва во Манчестер сити до 2020 година

Шпанскиот репрезентативец, Давид Силва ја продолжи соработката со Манчестер сити потпишувајќи нов едногодишен договор со „граѓаните“, со што се „врзува“ со клубот до 2020 година. Еден од најдобрите фудбалери во историјата на „граѓаните“ во последната година од неговиот договор ќе забележи јубилеј – 10 години откако пристигна на „Етихад“.

„Среќен сум што моето патешествие во Манчестер не застанува тука. Потпишувањето на новиот договор ја истакнува мојата лојалност кон клубот, горд сум на сите достигнувања носејќи го овој дрес. Сити од година во година се повеќе се развива како голем клуб, сега имаме и тренер од светска класа кој ќе води кон нови успеси. Големо задоволство е да се каже дека негуваме прекрасен стил на игра, доколку продолжиме вака сезоната може да ни биде многу успешна, а јас секогаш сум „гладен“ за нови трофеи“, истакна Силва за официјалната веб – страница на клубот.

31-годишниот Шпанец е главна фигура во составот и тактиката на Гвардиола, од почетокот на сезоната забележа осум асистенции и еден погодок. Во редовите на Сити пристигна од Валенсија во 2010 година, за 28 милиони фунти, а за „граѓаните“ вкупно настапи 324 пати, со постигнати 52 гола и 111 асистенции зад своето име.

 

Се вчитува...