Анхел ди Марија е првото од двете суперзасилувања на Јувентус (заедно со Пол Погба) во овој преоден рок откако аргентинскиот репрезентативец денеска и официјално потпиша договор со најтрофејниот италијански клуб. Тој доаѓа во Јуве како слободен играч, по истекот на договорот што го имаше со ПСЖ.
Преговорите траеја долго, Аргентинецот инсистираше на договор на само една година, што ќе му овозможи следното лето да се врати во татковината и да одигра една сезона таму, пред да ја заврши кариерата. Јувентус долго време инсистираше на двогодишен договор, за „старата дама“ на крајот да попушти и да бидат договорени сите детали од соработката, до јуни 2022/23.
„Играч што не треба многу да се најавува. Врвен напаѓач, способен да постигнува извонредни голови, но исто така и да ја координира целата навална линија, да ги исфрла останатите напаѓачи осамени пред голот. Во изминатите години од ЛШ постигна 22 гола и 32 асистенции. Шампион со бројни освоени трофеи како доказ, најпрвин во Бенфика, потоа во Реал Мадрид и сега последно во ПСЖ. Тој е Анхел ди Марија и тој е играч на Јувентус“, објавија „црно-белите“.
Аргентинскиот репрезентативец ќе го носи дресот со број 22 во Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА