ПСЖ продолжува да носи врвни засилувања во тимот за наредната сезона откако францускиот гигант денеска го официјализираше доаѓањето на Џанлуиџи Донарума, италијанскиот репрезентативен голман кој пред само неколку дена беше избран за МВП на ЕВРО 2020.
Донарума доаѓа од редовите на Милан, каде испиша историја откако дебитираше во Серија А на 16-годишна возраст, наметнувајќи се како иднина на италијанскиот фудбал на својата. Пред самиот истек на неговиот договор со „росонерите“ интерес за Донарума покажаа уште неколку европски гиганти, но тој ја прифати понудата на ПСЖ и денеска и официјално потпиша петгодишен договор со овој клуб.
„Пресреќен сум што станувам дел од голем клуб како ПСЖ. Подготвен сум за овој нов предизвик, да продолжам да се развивам како играч. Сакам да освојувам што повеќе трофеи со ПСЖ и да им носам радост на нашите верни навивачи“, изјави Донарума по потписот на договорот.
Италијанскиот репрезентативен голман е четвртото ново име во ПСЖ за новата сезона, по Вајналдум, Ашраф Хакими и Серхио Рамос. Од нив, само за Хакими беше платена отштета од 70 милиони евра на Интер, додека тројцата останати пристигнаа како слободни играчи на „Паркот на принцовите“.
ПСЖ го задржа во тимот Кејлор Навас, па останува дилемата дали Покетино ќе ги сочува двајцата врвни голмани и ќе ги ротира во текот на сезоната, или ќе се реализираат најавите од пред еден месец дека Донарума ќе биде вратен на едногодишна позајмица во некој италијански прволигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА