Анадолу Ефес денеска и официјално ја потврди тренерската смена за наредната сезона, најпрвин Ергин Атаман беше промовиран во Панатинаикос, а веднаш потоа за наследник на двократниот европски шампион беше именуван Ердем Џан.
Станува збор за стручњак што беше избран за „Тренер на годината во Еврокупот“ откако со Турк Телеком стигна до големото финале. Џан во текот на својата кариера најчесто беше помошник, мина неколку години како десна рака на Жељко Обрадовиќ во Фенербахче, по што имаше и кратка авантура како асистент во Јута џез.
Турк Телеком му даде шанса за докажување и Џан фантастично ја искористи, бележејќи одлични резултати во овој клуб, како препорака за седнувањето на клупата на Анадолу Ефес.
Како што најавуваат турските медиуми, новиот тренер со себе ќе го донесе и Американецот Тајрик Џонс, одличниот центар кој сезонава беше главен играч кај Џан во тимот на Турк Телеком.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА