Официјално: Гарначо потпиша седумгодишен договор со Челси

Челси останува активен до самиот крај на преодниот рок откако „сините“ вечерва официјализираа уште еден трансфер. Алехандро Гарначо го напушти Манчестер јунајтед по конфликтот со тренерот Рубен Аморим, Аргентинецот од самиот почеток на летово инсистираше токму на трансфер во Челси, за лондонскиот клуб на крајот да се договори со „црвените ѓаволи“ и да го доведе Гарначо на „Стемфорд бриџ“.

Тој вечерва потпиша седумгодишен договор со светскиот клупски првак откако Јунајтед ја прифати понудата од 40 милиони фунти, плус 10% од наредниот трансфер на 21-годишниот фудбалер.

„Ова е неверојатен момент за мене и моето семејство, да дојдам во еден така голем клуб како Челси. Го гледав клупскиот мундијал и фактот дека потпишав за светскиот клупски првак е навистина специјален. Среќен сум што сум овде“, истакна Гарначо по потписот на договорот.

Се очекува Челси до крајот на преодниот рок да го комплетира и трансферот на аргентинскиот плејмејкер Буонаноте, кој ќе пристигне на едногодишна позајмица од Брајтон.

Се вчитува...