Како што и претходно најавивме, а согласно веќе очекуваните заминувања од редовите на македонскиот шампион, МЗТ Скопје Аеродром и официјално се раздели и со плејмејкерот Брендон Слај, американскиот кошаркар кој дојде како големо засилување во Аеродром.
„Американскиот кошаркар, Брендон Слај, од денеска повеќе не е дел од МЗТ Скопје Аеродром, откако беше потпишан спогодбен раскин на договорот“ – кратко информираат официјално од МЗТ Скопје.
А, причината е јасна, МЗТ повторно влезе со нереален буџет над сопствените можности во сезоната, а по катастрофалните резултати и елиминацијата од АБА2 лигата (гласно се најавуваше влез во АБА1, а се испадна уште во првата фаза) сега ќе се настојува да се кратат трошоците. Процесот се забрза откако стана јасно дека и со наплатата на ваучерот не можат да се покријат старите долгови, па Баковиќ прв повлече нога, а по него следи сега и плејмејекерот, Брендон Слај. Станува збор за квалитетен играч што е ценет на кошаркарскиот пазар, па, според нашите информации, откако спогодбено ја прекина соработката со МЗТ, веќе е пред промоција во нов клуб.
Но, за жал, според најавите, по нивните стапки се очекува да тргнат уште неколку кошаркари од актуелниот ростер на „металците“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

