Моисе Кеан е фудбалерот што ќе ја има одговорната задача да го наследи Кристијано Роналдо во нападот на Јувентус откако „старата дама“ утрово го официјализираше трансферот на 21-годишниот голгетер од редовите на Евертон. Според договорот меѓу двата клуба, Кеан пристигнува на двогодишна позајмица вредна седум милиони евра, а Јуве потоа ќе има можност целосно да го откупи неговиот договор со „карамелите“ за дополнителни 17 милиони евра.
Кеан ги мина сите младински категории на Јувентус пред да дебитира и за првиот тим на „старата дама“, постигнувајќи шест погодоци на 13 средби. Јуве сакаше да го задржи, но младиот напаѓач се реши да си замине и го избра Евертон за следна дестинација во кариерата. Тоа се покажа како погрешен потег бидејќи Италијанецот никогаш не доби вистинска шанса меѓу „карамелите“.
Ланската сезона ја мина на позајмица во ПСЖ, тим за кој постигна 17 погодоци, но „светците“ сепак решија да не го откупат неговиот договор со Евертон, отворајќи можност што Јуве ја искористи за да го врати овој талентиран голгетер назад во Торино.
Останува да се види дали Кеан ќе биде единствениот голгетер што Јувентус ќе го доведе до крајот на овој преоден рок. Желба на Алегри е да пристигне и Икарди, но „старата дама“ ќе има тешка задача да постигне договор со ПСЖ на последниот ден пред затворањето на пазарот во фудбалска Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА