Бертранд Траоре ги засили редовите на францускиот прволигаш Лион, откако шампионот на Англија се согласи да го продаде за 20 милиони евра. По успешната сезона во Ајакс, каде играше како позајмен играч, репрезентативецот на Буркина Фасо одлучи да ја продолжи кариерата во француската лига. Челси во договорот обезбеди „бај бек“ клаузула, со која во иднина ќе имаат шанса да го откупат фудбалерот назад.
Со овој трансфер Лион го најавува заминувањето на нивниот најдобар голгетер во последниве неколку сезони, Алесандре Лаказет, кој е пред вратите на Арсенал. 21-годишниот напаѓач кариерата ја започна во Оксер, на 18 години пристигна во Лондон како голем талент, но никогаш не доби вистинска шанса во првиот тим. Беше испратен на усовршување во Витесе и во Ајакс, а премиерлигашки фудбал почувствува кон крајот на сезоната 2015/16, кога привремениот менаџер на „сините“, Гус Хидинк, му пружи шанса да се докаже.
Минатата сезона, Бертранд Траоре за Ајакс постигна 13 гола и шест асистенции во холандската лига и во Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА