Македонија заедно со Словенија и со Црна Гора ќе биде домаќин на Европското првенство за ракометарки во 2022 година. Европската ракометна федерација (ЕХФ) на Конгресот во Глазгов денеска официјално им ја додели организацијата ЕП 2022 на трите балкански земји со единствената заедничка кандидатура за домаќини на ова првенство.
Ова ќе биде второ сениорско ракометно првенство на кое Македонија ќе биде домаќин по организацијата на женското ЕП 2008 и прво европско ракометно првенство во женска конкуренција што ќе биде организирано во три земји.
Првенството ќе се игра во четири града во трите држави. Домаќини на шампионатот во Словенија ќе биде Арената Стожице во Љубљана (капацитет од 12.480 седишта) и Арена Златорог во Целје (5.800 седишта). Во Македонија натпреварите ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (6.173 седишта), а во Црна Гора домаќин ќе биде салата „Морача“ во Подгорица (5.000 седишта).
Според распоредот на натпреварите, Македонија ќе биде домаќин најмалку на една група од првата фаза. Завршницата на шампионатот ќе се игра во Љубљана. Заложбата на трите ракометни федерации во организацијата на ЕП 2022 е овој најголем настан во женскиот ракомет во Европа да го приближи до она што го претставуваат најголемите ракометни натпреварувања во машка конкуренција.
Домаќини на ЕП 2022 во машка конкуренција ќе бидат Унгарија и Словачка, а ЕП 2024 ќе се одржи во Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА