Официјално: Металург суспендиран и на домашната сцена, ќе следи ли згаснување на клубот?!

Ракометниот клуб Металург се наоѓа на работ на амбисот откако суспензијата од ЕХФ за неиграње на домашни натпревари беше пренесена и на домашната сцена, па тимот од Автокоманда е суспендиран и од настап во Супер-лигата што требаше да ја продолжи денеска со дерби-дуелот со Вардар. Причините се добро познати – долгувањата што повеќекратниот првак на Македонија ги има кон поранешни тренери и ракометари, кои правдата ја бараа преку ЕХФ и таму го добија спорот со „металурзите“.

Ракометната Федерација на Македонија добила допис од ЕХФ во кој европската куќа на ракометот инсистира на проширување на казната, од само европската сега и на домашната сцена, поради што нема да биде одигран дуелот со Вардар.

Согласно процедурите, Металург е суспендиран се до исплата на долговите, а во меѓувреме нема да може да ги игра своите натпревари. Согласно пропозициите, три неодиграни средби ќе значат и автоматско исфрлање на тимот од Автокоманда од елитното македонското ракометно друштво, што практично значи дека доколку „металурзите“ не најдат начин за излез од кризата до крајот на следната седмица, тоа ќе значи и згаснување на РК Металург како значаен фактор во мак-ракометот и негова преселба во најнизок ранг на натпреварување.

Од раководството на клубот за ЕКИПА ја потврдија информацијата за суспензијата, најавувајќи коментар за истата на прес-конференција што ќе биде одржана утре од 11 часот во салата Автокоманда.

Се вчитува...