Официјално: Милан го потпиша Јашари

Навивачите на Милан имаат причина плус да бидат задоволни откако управата на „росонерите“ успеа да осигура уште еден потпис на кој инсистираше новиот тренер Масимилијано Алегри.

Ардон Јашари од денеска и официјално е нов фудбалер на повеќекратниот европски шампион откако Милан конечно ги финишираше преговорите со Бриж, за денеска да го претстави швајцарскиот репрезентативец како свое најново засилување за следната сезона. „Росонерите“ конечно постигнаа договор за отштета од вкупно 39 евра, Јашари утрово допатува и ги мина лекарските прегледи, за денеска и официјално да го потпише петгодишниот договор со италијанскиот гигант.

Швајцарецот пред една година беше доведен од Луцерн за 6 милиони евра, така што Бриж одлично заработи на неговиот трансфер. Јашари од самиот старт јасно стави до знаење дека сака да се пресели меѓу „росонерите“, во последните петнаесетина дена ги одби Интер и уште неколку клубови од Премиер-лигата, за желбата конечно да му се исполни.

Јашари е најавен како сигурен стартер на средината од теренот и идеален партнер за искусниот Лука Модриќ, ќе настапува со бројот 30 на грбот во новата натпреварувачка сезона.

Се вчитува...