ОФИЦИЈАЛНО: МЗТ Скопје се раздели со Николиќ…, Атанасов ќе го води тимот до крајот на сезоната!

Онака како што и можеше да се очекува Драган Гаги Николиќ е разрешен од функцијата тренер на македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје, кој попладнево преку официјално соопштение информираше за разделбата со досегашниот стратег.

Николиќ неславно ја заврши својата авантура како тренер на МЗТ Скопје, откако најпрвин не успеа да обезбеди опстанок во АБА1, за потоа апсолутно да се посрамоти со своето однесување на првиот плејоф меч со Кожув. За потсетување, тренерот на МЗТ влезе на терен и го турна противничкиот кошаркар Гордон кој беше тргнат во акција кон кошот на аеродромци, по што само поради прибраната реакција на членовите на двата тима не дојде до уште посериозен инцидент.

Па, Николиќ доби суспензија од огромни десет натпревари од КФСМ што потоа доведе и до отказот од МЗТ Скопје.

СООПШТЕНИЕТО НА КК МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Српскиот стратег Драган Николиќ од денеска не е прв тренер на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако по објавата за суспензијата од десет натпревари взаемно беше договорен прекин на меѓусебната соработка.

Управата на клубот жали што дојде до ваква ситуација пред самиот крај на домашната сезона, во ситуација кога се бориме за десеттата шампионска титула во клупската историја. Популарниот Гаги имаше долги разговори со челниците на сино-белите, во кои беше дискутирана ситуацијата околу одлуката на КФМ и во кои дојде до взаемна согласност дека ваквата разврска е најчесен чин за клубот, по што уште еднаш искажа огромна љубов и потврди дека го оставил своето срце на најдобар начин на кој сметал дека ќе донесе резултат.

МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на Николиќ за се што направи за време на престојот во „Јане Сандански“ и му посакува многу среќа во понатамошната кариера, со надеж дека патиштата повторно ќе ни се судрат некогаш во понатамошната иднина.

Неговото место на клупата ќе го пополни досегашниот прв помошник, Васко Атанасов.

Се вчитува...