Светската атомобилска федерација (ФИА) објави дека системот за заштита на возачите во кокпитот на болидите во Формула 1 „ореол“ од 2018 година ќе биде задолжителен.
„Ореол“ или „хало“ е конструкција на Ферари изработен од карбонски влакна која наиде на негативни реакции кај возачите во Ф1. По ваквите реакции, се очекуваше ФИА да избере некое алтернативно решение за поголема заштита на возачите од повреди која посебно се актуелизира по несреќата во која поради повреда на главата загина возачот на Ф1, Жил Бјанки во Јапонија, а набрзо потоа од слична повреда настрада и Џастин Вилсон во Индикар.
ФИА го прифати решението на Ферари, а во соопштението се наведува дека по серијата тестови во претходните пет години, утврдено е дека „ореолот“ носи најдобри сигурносни резултати.
Одлуката на ФИА следнуваше една недела по трката на Силверстон на која беше тестиран алтернативниот провиден „штит“. Возачот на Ферари, Себастијан Фетел, по возењето со „штитот“ рече дека се чувствувал зашеметено уште по првиот круг.
„Штитот“ ја имаше поддршката од сопствениците на тимовите, по реакциите на возачите во врска со карбонскиот „ореол“. Но на крај „ореолот“ се покажа како единствен од сите уреди кој успешно ги мина двата клучни тестови – заштита од удар од остатоци од пневматиците при брзина од 240 км/ч и тестот за нелимитирана видливост.
Возачите најмногу ја критикуваат позицијата на „ореолот“ која е сместена околу кокпитот точно пред нивните очи. Сепак, на крај сите се сложија со ФИА дека на возачите им е потребна дополнителна заштита за да се избегнат и други трагедии и „ореолот“ доби зелено светло да биде поставен на болидите за следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА