Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар, како наследник Раул Гонзалес, потврди актуелниот европски првак на својот официјален сајт. Парондо доаѓа од женската екипа на Вардар каде е помошник тренер и во следните две сезони ќе го предводи машкиот европскиот првак од клупата.
„Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека довербата ќе може да ја оправдам преку резултатите. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати се голем предизвик за мене.
Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа.
И покрај ангажманот во женскиот тим доста сум запознаен и со работата на машкиот тим, и затоа очекувам брзо да се вклопат во таа приказна, и исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет, за клубот да остане онаму каде што е – во самиот европски врв“, вели Роберто Гарсија Парондо.
Парондо (38) е и актуелен помошник во машката сениорска репрезентација на Македонија и беше дел од стручниот штаб на последното ЕП во Хрватска. Претходно тој помагаше и во подготовката на машката младинска репрезентација на настапот на СП во Алжир каде стигнавме до Топ-8. Во моментов заедно со Ирина Дибирова седат на клупата на женската екипа на Вардар и се единствен тим во лигата на шампионите што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА