Фудбалот повеќе нема да биде ист откако на денешниот состанок и официјално беа изгласани низа нови правила кои треба да го направат поинтересен овој спорт.
Според информациите, овие нови правила ќе почнат да се применуваат од летниот мундијал СП 2026, по што ќе бидат дел од сите натпреварувања од самиот почеток на сезоната 2026/27.
Да почнеме од почеток – броењето од осум секунди колку што голманот има за да ја врати топката кога му е таа в раце, сега временска рамка ќе мора да биде почитувана и при гол-аут ситуациите, но и при изведувањето на аутите… Конкретно, ако судијата оцени дека тој што го изведува гол-аутот или аутот намерно задржува време, почнува да одбројува пет секунди. Ако топката на биде вратена во поле, ќе биде доделен корнер или аут за противничкиот тим.
За да се забрза процесот на измени, секој фудбалер мора да го напушти теренот 10 секунди откако ќе му биде посочено од страна на судијата. Ако не го стори тоа, тогаш тој ќе го напушти теренот, но играчот што треба да влезе на негово место ќе мора да го чека наредниот прекин во играта,, што значи дека тимот ќе мора да мине извесен период со фудбалер помалку на теренот, и тоа најмалку една минута.
Што се однесува до ВАР, новина е што сега ќе можат да се разгледуваат и вторите жолти картони, а не само директните исклучувања како што беше случај досега.
ВАР-судиите ќе смеат да сменат и одлука на теренот околу апсолутно погрешно досуден корнер, ако веднаш имаат докази за такво нешто и не дојде до подолг прекин (одлуката да се промени во наредните секунди пред топката да биде вратена во игра).
За да се намали симулирањето, прифатен беше и предлогот по секоја повреда поради која има прекин во играта и влегување на лекарски тим, потоа фудбалерот ќе мора да мине една минута крај аут-линијата пред да му биде дозволено да се врати во игра.
Бројот на замени на пријателски натпревари е зголемен на осум, а по договор на тренерите оваа бројка може да биде максимум 11.
Фудбалерите ќе можат да носат одреден вид на накит или опрема што досега им беше забранета за време на натпреварите, ако истата е добро покриена и не е опасна за самите играчи и за противниците.
Како дел од борбата против расизмот, донесена е одлука на фудбалерите да им се забрани да ставаат рака или да го стават дресот преку устата, додека зборуваат еден кон друг.
Од останатите правила, не беше прифатен предлогот на Арсен Венгер за менување на офсајд правилото, но беше договорено да се продолжи со експерименти и нови предлози на оваа тема
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

