Перо Антиќ и официјално е именуван во нов претседател на Македонската Кошаркарска Федерација, откако беше изгласан како единствен кандидат на Собранието што се одржа денеска во „Сквер 21“ во центарот на Скопје. Петар Наумоски ги следеше стапките на Владимир Темелковски, па воопшто не се кандидираше за претседател, оставајќи можност Антиќ без противкандидат да биде избран за нов предводник на мак-баскет.
Собранието мина во невообичаена атмосфера, откако делегатите со поддршка за Перо Антиќ невообичаено бараа точката за избор на претседател да биде поставена на самиот почеток на Собранието на МКФ, разрешување на актуелниот и избор на нов претседател. Ова беше одбиено од страна на Петар Наумовски, по што сите делегати на голем дел од точките од Дневниот ред гласаа како воздржани. Единствено не беше прифатен финансискиот извештај за 2018 година, изгласан „Против“ од мнозинството делегати.
Со мнозинство „За“ беше прифатена одлуката за промена на називот на федерацијата, од Македонска Кошаркарска Федерација во Кошаркарска Федерација на Северна Македонија.
„До Кандидатска комисија пристигна една кандидатура со 15 номинации, онаа на Перо Антиќ“ – изјави Саша Богдановиќ, член на кандидатската комисија.
По ова, Перо Антиќ едногласно беше избран како претседател на македонската куќа на кошарката, по што новиот претседател побара дополнителни 15 дена за формирање на Управниот одбор и Надзорниот одбор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА