Градскиот стадион во Штип за една година ќе добие целосно нова западна трибина со капацитет од 2400 места и со поттрибински простори.
Раководството на Фудбалската федерација на Македонија предводено од претседателот, Муамед Сејдини и потпретседателот, Лазар Ракиџиев официјално со в.д. градоначалникот на општина Штип, Јане Миланов го потпишаа договорот за изградба на западната трибина на Градскиот стадион и реконструкција на стадионот во Штип.
Во претходно претставениот основен проект за новата западна трибина на стадионот во Штип, а финансиран од Фудбалската федерација на Македонија преку програмата „Хет-Трик 5“ на УЕФА, предвидено е западната трибина која целосно е обврска на ФФМ да има капацитет од 2.400 места за седење, ВИП ложа, простор за медиуми и за лица со инвалититет, а во поттрибинскиот простор соблекувални и простории за службени лица по стандардите на УЕФА и ФИФА.
Во овој период плановите и намерата на Фудбалската федерација на Македонија се насочени кон подобрување на условите на стадионите во нашата држава, со цел натпреварувачката сезона 2021/2022 клубовите од МФЛ да ја дочекаат на реконструирани стадиони со што фудбалерите би добиле максимални услови за игра, а гледачите на стадионите и покрај малите екрани уживање во фудбалот. Во таа насока, ФФМ преку „Хет-Трик 5“ програмата ја финансираше и целосно ја заврши изградбата на новата трибина на стадионот во Чаир, а во финална фаза е изградбата на новата трибина и на стадионот „Билијанини Извори“ во Охрид.
Преку овој проект, новиот стадион во Штип нѐ само што ќе стане вистински фудбалски дом за штипската гордост, ФК Брегалница, туку би бил прилика и за македонската репрезентација да биде домаќин на важни квалификациски натпревари.
„За една година градскиот стадион во Штип ќе добие целосно нова западна трибина со капацитет од 2400 места и со поттрибински простори. Секако, општина Штип ќе инвестира и во реконструкција на источната трибина, така што Штип ќе добие модерен стадион каде што ќе може да настапува и нашата репрезентација. Во изминатиот период правиме големи работи за фудбалската инфраструктура во нашата држава, а еден од важните центри е Штип. Допрва следува најважниот дел, но се надевам дека се ќе се одвива според предвидената динамика и на крајот ќе бидеме горди на новиот стадион во еден од најфудбалските градови во нашата држава“, изјави Муамед Сејдини, претседател на ФФМ.
Договорот што денеска беше потпишан ги содржи меѓусебните права и обврски помеѓу договорените страни, односно ФФМ и Општина Штип.
В.Д. градоначалникот, Јане Миланов истакна дека му е огромна чест што започнува со изградба на еден ваков проект кој ќе значи многу за Штип и штипјани.
„Денеска потпишавме договор за изградба на западната трибина на градскиот стадион во Штип. Овој договор ги содржи нашите меѓусебни права и обврски. Придобивките од оваа трибина се огромни не само за спортот во Штип, туку и за љубителите на спортот“, истакна в.д. градоначалникот, Миланов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА