Фудбалскиот сојуз на Црна Гора донесе одлука да го разреши Роберт Просинечки од функцијата селектор на А-репрезентацијата на Црна Гора поради лошите резултати постигнати во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора му се заблагодари на Просинечки за неговата посветена работа во репрезентацијата во текот на претходните две години и му посака успех во претстојниот тренерски ангажман.
Просинечки, како што забележаа медиумите во Црна Гора, си заминува како еден од најнеуспешните црногорски тренери, бидејќи од март 2024 година, кога дебитираше на клупата на Црна Гора со две победи во пријателски натпревари, до 9 септември, кога беше убедливо поразен во неговиот роден град Загреб, оствари пет победи, едно реми и десет порази на клупата на „соколите“.
Хрватскиот стручњак на клупата на репрезентацијата ќе биде заменет од Мирко Вучиниќ, кој од јануари 2022 година е асистент во стручниот штаб на црногорската репрезентација предводена од Миодраг Радуловиќ и Роберт Просинечки.
Вучиниќ е дел од репрезентацијата на Црна Гора од нејзиното прво појавување по враќањето на независноста на Црна Гора во 2006 година. Тој ќе биде селектор до крајот на тековната година и ќе ја предводи црногорската репрезентација во квалификациските натпревари со Фарските Острови, Гибралтар и Хрватска, како и во пријателскиот натпревар со Лихтенштајн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

