Официјално: Спанулис е наследникот на Обрадовиќ во Монако

Монако вечерва и официјално го именуваше Василис Спанулис за нов шеф на стручниот штаб, завршувајќи ја потрагата по нов тренер откако му беше врачен отказ на Саша Обрадовиќ.

Грчката легенда беше најзвучно име од сите кандидати веднаш по смената на Обрадовиќ, преговорите се одолговлекоа, но на крајот беше постигнат целосен договор. Спанулис денеска потпиша до јуни 2026 година, со можност соработката да биде продолжена за уште една дополнителна сезона.

Тој доаѓа од клупата на грчкиот прволигаш Перистери од Атина со кој стигна до фајналфор турнирот во Лигата на Шампионите на ФИБА, во меѓувреме стана и селектор на Грција и ја предводеше својата селекција на ОИ во Париз, за сега Спанулис конечно да добие шанса и да се докаже на најголемата сцена – во Евролигата.

Новиот тренер ќе има најтежок можен предизвик на дебито, ако се знае дека Монако в петок гостува во Атина на европскиот првак Панатинаикос.

Се вчитува...