Официјално: Тадиќ раскина со Ајакс

Целосниот ремонт на тимот на Ајакс продолжува откако холандскиот гигант вечерва објави дека го раскинува договорот со долгогодишниот капитен Душан Тадиќ. Српскиот ас имаше уште една година од актуелниот договор, но самиот инсистираше на заминување жалејќи се на недоволната амбициозност на управата која ги распродава најдобрите фудбалери, не носејќи адекватни замени.

Откако беше продаден и Тимбер, а најавено е и заминување на Алварез, Тадиќ како капитен имал жесток разговор со клупските директори, по што откако не беше најден заеднички јазик беше донесена одлука за прекин на соработката.

„Душан Тадиќ веднаш го напушта Ајакс. Клубот ја почитува желбата на фудбалерот за предвремен раскин, иако имаше договор до јуни 2024 година“, објави Ајакс на официјалната веб-страница.

„Ова ми е една од најтешките одлуки, но верувам дека сега е вистински момент да си заминам од Ајакс, за клубот да има можност за нов почеток. Настапите за Ајакс ми донесоа радост и неверојатни чувства како никогаш до тој момент во кариерата, би сакам да им заблагодарам на сите за прекрасните моменти што ги споделувавме. Јас секогаш ќе бидам дел од Ајакс, се надевам дека ќе се вратам еден ден, можеби како тренер“, изјави Тадиќ.

Се вчитува...