Томица Главчев и официјално е нов претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија откако успешниот бизнисмен ја доби довербата на сите делегати присутни на денешното Вонредно Собрание на КФСМ.
Откако досегашниот претседател Перо Антиќ не свика Собрание во предвидениот рок по поднесената иницијатива за негова недоверба, истото денеска беше организирано од клубовите потпишани на иницијативата. Клубовите едногласно му искажаа недоверба на Антиќ, со што заврши неговиот шестгодишен престој на чело на КФСМ.
Потоа при изборот за негов наследник, единствен кандидат за претседател беше Томица Главчев, кој ја доби поддршката од присутните 38 делегати и од денеска го почнува својот четиригодишен мандат како прв човек на куќата на кошарката.
Главчев важи за човек кој инвестираше убедливо најмногу сопствени пари во македонската кошарка во последните две децении. Тој долги години беше прв спонзор на Кожув, а финансиски го помагаше и МЗТ Скопје во првите години кога аеродромци беа дел од АБА-лигата. Тој беше предводник и на успешниот проект Блокотехна, клуб што стигна и до титулата во БИБЛ-лигата, а своевремено финансиски го помагаше српскиот кошаркарски гигант Партизан.
Денеска се врти нов лист во кошаркарскиот спорт со Македонија, се надеваме со многу подобри резултати и успеси отколку што тоа беше случај во изминатиот период….
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА























