Црвена Звезда денеска и официјално потпиша договор со Треј Томпкинс, како големо засилување за клучниот дел од сезоната. „Црвено-белите“ речиси цел месец преговараа со поранешниот кошаркар на Реал Мадрид, а загрижувачки за вицешампионот на АБА е здравствената состојба на крилниот центар, кој подолго време паузираше по операцијата на коленото.
Тој не ги мина најдобро лекарските прегледи во Белград, поради што трансферот најавен за минатата седмица беше одложен за неколку дена. За да се запази последниот рок за трансфери во Евролигата денеска и официјално беше потпишан договорот меѓу Црвена Звезда и Томпкинс, и тоа со специјална клаузула – тој има загарантиран договор на само еден месец, а ако докаже дека е здрав клубот ќе може да ја активира клаузулата за продолжување на соработката со „црвено-белите“.
„Американскиот крилен центар Треј Томпкинс е новчлен на Црвена Звезда. Поранешниот освојувач на Евролигата потпиша краткорочен договор на еден месец, со опција за продолжување“, се вели во соопштението на „црвен-белите“.
Томпкинс ја мина ланската сезона во рускиот клуб Зенит, од каде не му беше продолжен договорот по тешката повреда на коленото поради која тој беше без клуб од стартот на сезонава.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА