Официјално: Тотенхем доведе нов голман од Чешка, позната е и цената на трансферот

Тотенхем се наоѓа во резултатска криза и има огромни проблеми со повредени фудбалери, па управата на клубот очекувано тргна во офанзива за нови засилувања во јануарскиот преоден рок.

Првиот трансфер беше официјализиран денеска, откако „спарси“ за нов голман го доведоа Антонин Кински, 21-годишниот чувар на мрежата кој доаѓа од редовите на Славија Прага. Чешките медиуми уште вчера го најавија овој трансфер, за денеска Тотенхем и официјално да објави дека е потпишан договор со Кински, кој ќе остане во клубот до 2031 година.

Вкупната вредност на трансферот изнесува 12,5 милиони фунти, а Кински би можел да дебитира веќе за неколку дена, на полуфиналниот меч од лига-купот на Англија против Ливерпул.

За потсетување, првиот голман Викарио е повреден уште од ноември и подолго време ќе паузира поради скршеница на зглобот, а вчерашниот премиерлигашки меч со Њукасл го пропушти и Фрејзер Форстер, кој поради болест мораше да му го препушти своето место на Брендон Остин, 25-годишниот голман кој за првпат бранеше во Премиер-лигата.

Се вчитува...