Фудбалската асоцијација на Англија и официјално го промовираше Томас Тухел како наследник на Герет Саутгејт и нов предводник на репрезентацијата на „Гордиот Албион“.
Тухел и официјално е потврден како нов селектор на Англија откако привременото решение Ли Карсли обелодени дека сака да го отстапи своето место на стратег што знае како се освојуваат трофеи.
Функцијата селектор ќе ја преземе од 1. јануари 2025 година, а неговиот договор ќе трае 18 месеци, односно до завршување на Светското првенство во 2026 година. Платата на Тухел ќе биде идентична како на неговиот претходник Герет Саутгејт. Германецот ќе заработува по пет милиони фунти годишно. Помошник на Германецот ќе му биде Ентони Бери.
„Горд сум што ќе имам чест да ја водам англиската репрезентација. Чувствувам поврзаност со оваа земја и тоа веќе ми даде неколку неверојатни моменти. Да се претставува Англија е огромна привилегија и ќе биде возбудливо да работам со група која е талентирана и има голем потенцијал“ – истакна Тухел.
Германскиот тренер всушност се враќа на Островот каде што во минатото беше тренер на Челси. Покрај „сините“, Тухел ги водеше и ПСЖ, Борусија Дортмунд и Баерн Минхен каде што го имаше последниот ангажман минатата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА