Официјално: Украинците бараат Иран да биде исфрлен од Светското првенство?!

Извршниот комитет на Фудбалската федерација на Украина и официјално испрати барање до организацијата ФИФА преку кое бара иранската репрезентација да биде спречена да учествува на претстојното Светско првенство.

Причина за ваквата одлука на фудбалските власти во Украина се обвинувањата на сметка на иранската влада дека нејзините постапки ја поддржуваат Русија во војната со Украина.

Украинците веруваат дека иранските власти ја снабдуваат руската армија со оружје и на овој начин Иран ги прекршува членовите три и четири од Статутот на ФИФА, пишува британски „Sky Sports“. Овие членови се однесуваат на почитувањето на човековите права и борбата против дискриминацијата.

„Имајќи ги предвид информациите во медиумите во врска со систематската манифестација на кршење на човековите права во Иран, кои ги прекршуваат нормите на ФИФА, вмешаноста на Иран во воената агресија во Украина, како и резолуцијата 2231 на Советот за безбедност во врска со воведувањето санкции кон Иран, ние бараме од ФИФА да го разгледа исклучувањето на иранската репрезентација од Светското првенство“, се вели во соопштението на Фудбалскиот сојуз на Украина.

Останува да видиме каков ќе биде одговорот на организацијата на светскиот фудбал. Иран на Мундијалот е во групата Б, а ривали му се Англија, САД и Велс.

 

 

Се вчитува...