Руд ван Нистелрој од денеска и официјално има нова работа во Премиер-лигата, откако прославениот голгетер беше именуван за нов менаџер на Лестер. „Лисиците“ пред неколку дена го отпуштија Стив Купер, Ван Нистелрој од самиот старт беше поврзуван како главен кандидат за функцијата, за вечерва и официјално да потпише договор со поранешниот англиски шампион.
Ван Нистелрој го водеше Манчестер Јунајтед на четири средби по отказот на Тен Хаг, во пресрет на доаѓањето на Аморим, а интересно е што на две од овие средби ривал му беше токму Лестер, бележејќи две победи со вкупна гол-разлика 8-2.
„Горд сум и возбуден на почетокот на оваа нова авантура. Сите луѓе со кои зборував во клубот беа преполни со ентузијазам, слушнав само убави работи за Лестер и едвајчекам да почнам да работам“, изјави Ван Нистелрој.
Лестер моментно се наоѓа на 16. место на табелата во Премиер-лигата, само еден бод над зоната за испаѓање во пресрет на утрешното гостување против Брентфорд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА