Живко Мукаетов ќе продолжи да ја извршува функцијата претседател на Ракометната Федерација на Македонија и во наредните четири години, откако успешниот бизнисмен и денеска доби апсолутна доверба од присутните 51 делегат кои беа дел од Изборното Собрание на „куќата на ракометот“.
Мукаетов веќе имаше два успешни мандати како претседател на РФМ, а беспрекорната работа и функционирањето на „куќата на ракометот“ беше доволна препорака за тој со акламација да биде избран за да продолжи да ја извршува претседателската функција и во наредните четири години.
Живко Мукаетов беше единствен кандидат откако собра потписи за номинација од сите делегати на собранието, по што денеска само формално, со аплауз беше потврден новиот четиригодишен мандат.
„Сакам да се заблагодарам за довербата, за соработката во овие осум години. Сакам сите заедно да работиме со нови идеи да го кренеме македонскиот ракомет на едно уште повисоко ниво. Свесни сме за она што е добро, свесни сме и каде треба уште повеќе да напредуваме, ајде сите заедно да работиме за уште посветла иднина на македонскиот ракомет“, изјави Мукаетов по изборот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА