Уште еден значаен чекор во унапредувањето на спортот и фудбалот во Општина Гази Баба со денешната акција на ОФС Гази Баба, а со поддршка од Фудбалската федерација на Македонија и првиот човек Масар Омерагиќ.
Сите фудбалски клубови кои се дел од Општинскиот фудбалски сојуз Гази Баба, а преку програмата на ФФМ, добија комплетна спортска опрема како дел и од долгорочната стратегија за поддршка на младинскиот спорт и развој на спортската инфраструктура.
„Благодарност до претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ за неговата постојана поддршка и соработка со локалните заедници. Неговата посветеност и визија за развој на фудбалот и тоа како веќе се препознаваат во општинските сојузи. Благодарност и до претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз Гази Баба, Дарко Костовски, кој со ентузијазам, енергија и искрена љубов кон спортот се вложува во секој проект и настан во рамки на сојузот“ – истакна градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски кој на првиот човек на ФФМ му додели и плакета како знак на признание за неговата работа и придонес за развојот на клубовите во секоја општина.

„Ние како Фудбалска федерација, постојано нагласувам, дека секогаш и буквално во секоја средина на Македонија ќе бидеме од максимална поддршка на клубовите како начин за нагласување на вистинските спортски вредности и овозможување на што подобри услови за работа на најмладите наши категории“ – истакна претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Претседателот на ОФС Гази Баба, Дарко Костовски не го криеше задоволството од настанот кој се одржа на стадионот во Автокоманда, а кој е потврда за новата енергија во фудбалот водена низ желбата за силна поддршка на сите фудбалски колективи во општината.
„Сакам да направам краток осврт на досегашната работа и да ја споделам благодарноста што ја чувствувам по назначувањето за претседател на Општинскиот фудбалски сојуз Гази Баба – Скопје. Оваа акција е силен показател за тоа. Нашата визија е јасна: Развој на младите, унапредување на фудбалската инфраструктура, поддршка на спортските работници и промоција на фер-плејот. Ќе продолжиме со уште поголема енергија, посветеност и обединетост“ – рече претседателот на ОФС Гази Баба, Дарко Костовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА








































