ОФС Гази Баба: Срамно однесување на Гостивар и непочитување на нашиот ОФС

Лоша појава почна да го напаѓа македонскиот фудбал, незадоволни клубови од судиите да го напуштаат теренот и да не сакаат да ги доиграат натпреварите.

Воска беше жестоко казнета за таквиот однос на дуелот против Вардар, охридскиот клуб потоа и се повлече од Првата лига, па затоа изненадувачки беше потегот на управата на Гостивар откако оваа екипа вчера се повлече од терен неколку минути пред крајот на дуелот со Работнички.

По ФФМ со свое соопштение излезе и ОФС Гази Баба:

„Срамно напуштање на натпреварот и непочитување кон Општинскиот Фудбалски сојуз на Гази Баба. Напуштањето на натпреварот против ФК Работнички од страна на ФК Гостивар претставува крајно разочарувачки и недозволив чин кој остава горчлив вкус во македонскиот фудбал. Ваквото однесување не само што е спротивно на духот на фер-плеј и спортското натпреварување, туку фрла и дамка врз угледот на самиот клуб.
Дополнително, фактот што ФК Гостивар своите тренинзи и натпревари ги одржува на терен кој е под Општинскиот фудбалски сојуз на Гази Баба го прави овој инцидент уште потежок. Како клуб ФК Гостивар има уште поголема одговорност да се однесува достоинствено и да ги почитува вредностите што ги промовира сојузот. Наместо тоа, со нивното непрофесионално и неодговорно однесување, тие претставуваат вистински срам за Општинскиот сојуз на Гази Баба и за сите клубови кои чесно и со почит се натпреваруваат на нивните терени.
Се надеваме дека раководството на ФК Гостивар ќе го преиспита своето однесување и ќе преземе соодветни мерки за вакви инциденти да не се повторат во иднина. Исто така, очекуваме јавно извинување до Фудбалската Федерација на Македонија,
ФК Работнички, Општинскиот сојуз на Гази Баба и до целата спортска јавност за овој неприфатлив чин. Само со покажување вистинско жалење и посветеност на фер играта, клубот може да започне да ја враќа довербата која оправдано ја изгуби.
Се надеваме дека Фудбалската федерација на Македонија ќе го санкционира ваквото недолично однесување на ФК Гостивар соодветно, за да се испрати јасна порака дека ваквите постапки се неприфатливи и нема да се толерираат на македонските фудбалски терени. Фудбалот треба да биде игра на чест и почит, а не на самоволие и напуштање кога работите не одат според план“, Дарко Костовски Претседател на Општински фудбалски сојуз Гази Баба и член на Управниот одбор на Фудбалската Федерација на Македонија.

Се вчитува...