Заврши одржувањето на редовните изборни собранија на 26 Општински фудбалски сојузи во Македонија како најава за Редовното Изборно собрание на ФФМ кое треба да се одржи на 15 март во Скопје. Актуелниот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ доби поддршка од сите општински фудбалски сојузи како единствен кандидат за нов целосен мандат, со исклучок на ОФС Кичево, кои не истакнаа свој предлог за претседател, а поради процедурални недоследности ОФС Охрид , пак, не успеа да го одржи своето собрание согласно законскиот рок.
ОФС Струмица повторно се враќа како рамноправен член во ФФМ откако и беше укината повеќегодишната досегашна суспензија, и за нов претседател на општинскиот сојуз е избран Иле Илиев. За кандидат за член на новиот Управен одбор на ФФМ е предложен Сашко Пандев, а за делегат во Собранието на ФФМ, Орце Тодоров, заменик е Славчо Васков.
Во ОФС Македонски Брод, Сашо Стојановски останува претседател на сојузот, додека во ОФС Пробиштип место досегашниот претседател Цветко Гаврилов, избран е Горан Гаврилов, кој е предложен и за член на УО на ФФМ. Во ОФС Ресен претседателската функција продолжува да ја извршува Миле Тановски, за член на УО е предложен Ѓорѓи Угриновски, заменик е Емин Кранли.
Нов претседателски мандат во ОФС Кавадарци доби Сашко Тасев, кој е предложен повторно и за член на Управен одбор на ФФМ. Делегат во собранието ќе биде Методи Сапунџиев, а заменици се Антонио Тасев и Тони Шалев.
Како што е познато, на престојното Редовно изборно собрание на ФФМ покрај изборот на претседател со четиригодишен мандат, ќе биде избран и новиот состав на Управниот одбор на ФФМ со гласање од страна на делегатите на Собранието за предложените кандидати од пооделните општински фудбалски сојузи.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

